Општина Велес

Центар на Општината Велес е градот Велес сместен во средишниот дел на Македонија, поточно на бреговите на реката Вардар на надморска височина од 206 м. Општина Велес според пописот од 2002 година брои население од 55 108 жители. Тој претставува значаен сообраќаен јазол каде што се вкрстуваат најважните патни и железнички сообраќајни правци на меѓународниот сообраќаен коридор, кој ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Северна Африка.

 

 

 
Симболи на Велес:

Грбот на Општина Велес

Носечки симбол во грбот на Велес е Саат-кулата која потекнува од 14 век и е една од најстарите градби. Лево и десно од неа е прикажана старата градска архитектура во форма на визури што се амфитеатрално распослани од двете страни на Вардар. Во подножјето на Саат-кулата е претставена реката, а веднаш под неа запченик кој го симболизира индустрискиот развој на градот. На горниот дел од грбот е испишано името на градот - Велес.

Маскота на Општина Велес

Маскота на Општината Велес е видра за која со сигурност се знае дека живее во водите на реките Бабуна и Тополка, а во минатото ги населувала и водите на реката Вардар. Видрата живее исклучиво во чисти, незагадени води. Со утврдувањето на видрата за маскота на Велес се потенцираат заложбите на Општината Велес да стане еколошки чиста животна средина, во која ќе се вратат сите животински видови кои во минатото биле нејзино обележје.

 

Знаме на Општина Велес

Знамето на Општина Велес е во две бои - црвена и сина, хоризонтално поставени. Црвената боја е симбол на револуционерното минато на Велес, а сината на слободата и европската ориентација на велешани. Во централниот дел на знамето е сместен грбот на Велес.

Заштитен знак на Општина Велес

Во минатото Велес го имал својот најголем економски растеж во времето кога се одгледувал афионот. Бидејќи афионот е производ што обележува долг историски период од развојот на Велес, Општината Велес го утврди за свој заштитен знак.