Економски подем и пораст на населението во Велес

Според Јордан Хаџи Константинов - Џинот, во средината на 19 век Велес имал околу 7.000 жители, а веќе на крајот на 19 век, имал околу 17.000 жители. Брзиот пораст на населението бил последица на засилената миграција од село в град. Од друга страна, тоа зборува и за економскиот развој на градот, кој имал капацитет да го апсорбира таквиот прилив. Во 1873 година била изградена железничката линија Солун - Скопје, а Велес станал значајна станица. Протокот на луѓе и стоки станал подинамичен и поразновиден. Поради продорот на конкурентните западноевропски индустриски стоки, значаен дел од велешките занаети замреле. Со тек на времето покрај желзничката станица почнале да никнуваат првите индустриски капацитети. Во 19 век се појавува македонското граѓанство во лицето на т.н. чорбаџии. Притоа започнало отворање на општински училишта во кои доминирало световното образование. Најистакнат претставник на преродбенското образование од тоа време, не само во Велес, туку и во Македонија, е велешанецот Јордан Хаџи Константинов - Џинот. Освен тоа, во Велес била отворена и првата библиотека.