Велес пред и по балканските, Првата и Втората Светска Војна

По поделбата на Македонија во балканските војни (1912-1913), Велес потпаднал под српска власт. Во ноември 1912 година во Велес бил одржан семакедонски собир под раководство на Димитрија Чуповски и Петар Поп Арсов. Набрзо потоа, Велес, како и цела Македонија, бил зафатен од виорот на Првата светска војна. По завршувањето на Војната Велес останал во составот на Србија во рамките на Кралството Југославија. За време на Втората светска војна по продорот на Германците, Велес и неговата околина припаднале на бугарската окупациона зона. Велешани зеле активно учество во антифашистичката војна и изградувањето на современата македонска држава. Велес бил ослободен на 9 ноември 1944 година. Во младата македонска држава во рамките на тогашна социјалистичка Југославија, во чест на југословенскиот маршал, градот се преименува во Титов Велес. По прогласувањето на самостојноста на Република Македонија (1991 г.), во 1996 година градот повторно се именува Велес.