Кочо Рацин

Во чест на патронот на велешката Гимназија, во 1968 година на Кочо Солев Рацин во неговиот роден град за прв пат му е поставен споменик. Споменикот е дело на академскиот вајар Димко Тодоровски кој преку натприродната големина на фигурата на Рацин направил обид за претставување на големината на македонскиот народ. Изработен е од глина и излеан во бронза. Традиционално пред него секоја година во Велес започнува меѓународната средбата на писателите посветена на делото на ненадминливиот поет и револуционер. И во центарот на Велес, наспроти Градскиот саат се издига споменик на основоположникот на современата македонска поезија Кочо Солев Рацин. Споменикот, поставен во 2002 година, е дело на академик Томе Серафимовски. Висок е 2,80 метра и тежок 500 килограми. Фигурата на Рацин е излеана во бронза. Споменикот е донација од македонскиот бизнисмен Трифун Костовски.