Комплекс Варналии

 

 

Куќата на Паунови


 

Изградена е во 1868 година, во месноста Варналиите. Основата на куќата е правилна и се развива на три нивоа. Куќата е пространа, составена од приземје и два ката. На неа доминираат чардакот и прозорците. Особено е впечатлив ентериерот во кој доминираат детали од традиционалното градителство. Со цел да се долови впечатокот на традиционалната градска архитектура, Општината Велес ја има реставрирано фасадата на куќата.

 

Куќата на Тренчови


 

Изградена е истовремено со куќата на Паунови. Поради специфичниот терен, куќата е отворена кон улицата со тесна фасада и покрај приземјето има уште два ката. Приземјето и првиот кат се направени од камен. Архитектонското решение на вториот кат е особено впечатливо и во него доминира одаја со седум прозорци свртени кон улицата. Фасадата на куќата чиј ентериер е исполнет со традиционално изработена покуќнина е реставрирана.

 

Куќата на Прнарови


 

Изградена е во 1868 година на три нивоа со специфична форма во основата. Поплочениот двор на приземјето е отворен простор поврзан со улицата. Централно место во архитектонското решение зазема чардакот кој ги спојува сите одаи. На вториот кат доминираат големи прозорци и исфрлена стреа со декоративни елементи на флора и фауна која завршува во покривот. Обновената фасада на куќата Прнарови се одликува со еркерно исфрлени катови.