Васил Главинов

Првиот македонски социјалист е роден во Велес. Се образувал во училиштето на просветителот Јордан Хаџи Константинов - Џинот, а својата идеологија ја развил во Софија, Бугарија, каде што го продолжил образовнието. Престојот во Бугарија, Главинов го искористил за развој на напредните социјалистички идеи и едуцирање на македонската емиграција. Основал Македонска социјалистичка организација во која помеѓу другите Македонци членувале: Никола Карев, Петар Русински и Веле Марков. Откако бил прогонет од бугарските социјалисти во 1894 година, Главинов се вратил во родниот Велес и го основал првото просветно-работничко друштво во Македонија Читалиште. Друштвото на Васил Главинов го издало првото гласило Револуција, а во 1898 г. и весникот Политическа свобода.