Археолошки локалитети

Археолошки локалитет Стоби

  

Античкиот град Стоби се наоѓа во близина на Градско, меѓу Велес и Неготино. Овој град се наоѓал на територијата на старо-македонското племе Пајонци, кое во времето на Филип ИИ било во состав на македонската држава. Уште од тој период, градот Стоби бил важен стратешки воен центар, но и значаен културен, трговски и сообраќаен центар. Овој свој статус Стоби го задржал и за време на Римската Империја, кога го доживеал својот најголем развој. Во 386 година Стоби станал главен град на провинцијата Македонија Салутарис. Христијанството рано се јавило во овој град. До 8 век Стоби бил седиште на епископија. Урбаниот дел на стариот град Стоби се наоѓа на три тераси кои се спуштаат кон Црна Река и кои се опкружени со ѕидови, на утоката на Црна во Вардар. Познато е дека тука минувале главните патишта што ги поврзувале областите на Дунав со медитеранските земји. По овој главен пат на Балканскиот Полуостров навлегувале и културните влијанија од југ кон север и обратно. Црна Река, од друга страна, претставувала природен пат што ги поврзувал централните области на Македонија со Јадранското Море. Во римскиот период по текот на Црна Река водел значаен пат, што го поврзувал Стоби со Виа Егнатија кај Хераклеја Линкестидска, близу до денешна Битола. Така, градот Стоби зафаќал значајна стратегиска, воена и трговска позиција во античкиот период.  Во урбаниот комплекс се наоѓаат повеќе откриени објекти и градби како што се: епископска резиденција, полукружен плоштад, театар, синагога, куќа на псалмите, голема бања и други објекти кои се значаен печат на времето и на минатото.

 


Велешко Кале

Во предримско и римско време ридот Кале, на денешниот јужен излез од Велес, бил избран како позиција за изградба на важна тврдина која служела за заштита на градот во средниот век. Акрополата, односно најцврсто утврдената површина на градот, зафаќала површина од 80 на 100 метри. Во внатрешноста на акрополата се откриени две цистерни за вода кои датираат од периодот на доцната антика. Во центарот на акрополата се пронајдени темели на еднокорабна црква. Првиот откриен доказ за градот, е големата бронза на императорот Гордијан искована во 241 година. За постоењето на градот во 4 и 5 век сведочат монетите на Теодосиј И. Археолошките истражувања на локалитетот Кале открија и основа на новооформена челна кула и рановизантиски бакарни монети што потврдуваат дека акрополата била обновена во 6 век.