Везови

Со убавината и креацијата, умешноста на комбинацијата на бои и техники, македонските везови и ден денес претставуваат една од најзначајните етнолошки вредности. Техниките и везовите што се развиле и негувале на целата територија на Македонија, имале свои приврзаници и на подрачјето на Велес. Особено впечатлив е мијачкиот вез кој во себе спојува повеќе традиционални елементи на старата култура што Мијаците, од областа Мала Река, ја пренеле при населувањето во селата Ореше и Папрадиште во областа Азот, Велешко. Карактеристика на мијачкиот вез е неговиот колорит во кој доминира црвената боја. Црната боја доминира во везовите што потекнуваат од Скопска Црна Гора и Долни Полог. Во колоритот на македонските везови се застапени и други бои – зелената, жолтата или темно сината. Карактеристика на македонските везови се густо извезените површини и специфичните орнаменти и мотиви. Традиционално за изработка на македонските везови се користеле претежно волнени конци и конци обоени со природни средства за боење. Во некои области, како Полог и Порече, за изработка на везовите се користела срма.