Прв ден - прошетка низ стар Велес

Разгледувањето започнете го од северниот дел на градот, односно од влезот на Велес од автопатот, каде што на самата крстосница можете да ги забележите малите црквички (1) со чешма со питка вода. Спротивно од црквичките имаме пат до Спомен-костурницата (2). Тоа е споменик за Втората светска војна.Оттаму имате прекрасна панорамска глетка на градот. Во продолжение можете да се спуштите кон населбата Варналиите каде ќе ја видите малата црквичка Св. Ѓорѓи (3). Тоа е стар дел на градот каде што можете да прошетате низ тесните улици и видите куќи со стара архитектутра кои се реставрирани и заштитени (4). Спуштајќи се надолу кон реката Вардар ќе наидете на старото градско јадро каде што се сместени градскиот пазар (5), автобуската станица (6), мостот на Гемиџиите (7), споменикот на Гемиџиите (8). Овде може да седнете во некое од ресторанчињата до самата река и можете да се одморите и уживате во убавата храна.