Втор ден - прошетка низ нов Велес

Појдете од Саат-кулата (1) од каде што се гледа пешачкиот мост од друга перспектива. Потоа продолжете до куќата на Кочо Рацин (2) и спуштете се кон центарот и кружниот тек до споменикот на Илинденците (3). Одејќи понагоре кон север влегувате во централното густо јадро каде што се одвива сегашниот динамичен живот на градот. Посетете ги Музејот (4) и Ликовниот салон (5) кој се наоѓа на стотина метри спротивно од Музејот кон Младинскиот парк. Младинскиот парк (6) е модерен и уреден; тука се новата грандиозна црква Свети Кирил и Методиј (7), модерните фонтани, новиот театар. Од спротивната страна на паркот се кафе-баровите и рестораните (8) во кои се одвива забавниот живот на велешани и препопрачуваме тука да се освежите. Велес има и Градски парк (9), се наоѓа до реката Вардар и е вистинско катче за одмор и рекреација далеку од градскиот метеж. Во него се наоѓа и Градскиот базен (10), во летните месеци вистинско место за одмор и релаксација. За ручек препорачуваме да пробате нешто во ресторанот Снупи, кај Офицерскиот дом, а доколку времето дозволува седнете на летната тераса. Западниот дел на градот е нов и урбанизиран. Тука се Општината,јавните установи, стамбени блокови за живеење итн. Во северозападниот дел се наоѓа и старата индустриска зона.