Името Велес

Населбата на крстопатот на патните правци Виа Егнатиа и Виа Милитарис го привлекла словенското население, кое во 6 век навлегло на Балканскиот Полуостров. Кон крајот на 6 век се основани првите склавинии на територијата на Македонија, кои ги зафаќале плодните области крај реките Вардар, Тополка и Бабуна. Некаде во тоа време, главната тврдина на утоката на реката Тополка во Вардар го добила името Велес - според едни, од словенскиот израз в’лес -  во шумата, а според други, по името на Велес, словенскиот бог на стадата и подземниот свет.