Гемиџии

На левиот брег на реката Вардар, на уредено плато на кејот се издига споменикот посветен на Гемиџиите. Споменикот е поставен во чест на големиот јубилеј  - 100 години Илинденско востание - 100 години македонска државност. Импозантниот споменик, висок 6,5 метри, претставува сплет од 12 зраци што ги симболизираат дванаесеттемина Гемиџии, кои во предвечерјето на Илинденското востание ги извршија познатите Солунски атентати, во обид да го свртат вниманието на Европа кон македонското прашање. Споменикот е дело на академскиот скулптор Станко Павлевски. Крај споменикот е поставена плоча со имињата на Гемиџиите на која е испишана нивната историска порака - Се арчиме за Македонија.