Костурница

 

Импозантниот споменик изграден во 1979 година веднаш над влезот во Велес, од неговата десна страна, е вечен дом на стотина велешки борци кои во Втората светска војна загинаа за остварување на вековниот сон за слобода на македонскиот народ. Споменикот, изграден во форма на афионов цвет е дело на академскиот вајар Љубомир Денковиќ и архитектот Сава Суботин од Србија и Црна Гора. Во централниот дел на внатрешноста е поставен симболот на слободата во форма на расцветано дрво, додека по сите страни од ѕидовите е распослан најголемиот мозаичен комплекс во Македонија, дело на академскиот сликар Петар Мазев. На вкупна површина од 220 м2, преку една композиција составена од пет слики, авторот ја насликал историјата на македонскиот народ од Илинденската епопеја, преку социјалните превривања меѓу двете светски војни, периодот на Народно- ослободителната војна и сенародното востание, се до победата над фашистичкиот окупатор, повоената изградба на Македонија и слободата како врвна придобивка. Мозаикот е направен од природен и вештачки камен од венецијанска паста, во повеќе бои, преку кои едни од други се одвојуваат симболите и формите.