Рајко Жинзифов

Роден е во Велес во 1839 година како Ксенофон Ѕинѕиф, син на учителот Јоан Ѕинѕиф. Жинзифов е водечки македонски писател и преродбеник. Бил учител во Прилеп и помошник на преродбеникот Димитрија Миладинов. За време на школувањето во Одеса, Русија, го променил името во Рајко Жинзифов. Студирал и на Историско-филолошкиот факултет во Москва. Својата преродбеничка работа ја започнал како уредник на литературното списание Братски труд. Објавил прилози за Македонија како и 19 песни на македонски јазик. Автор е на поемата Крвава кошула и на бројни статии посветени на неговата идеја за обединување на Словените. Во своите дела го користел велешкиот дијалект како основа на јазикот со кој се изразувал. Рајко Жинзифов се занимавал и со собирање на народно творештво. Неговиот прв прозен состав Прошедба се смета за прв обид за содавање на македонска уметничка проза. Жинзифов починал во Москва во 1877 година.