Кочо Рацин

Големиот поет е основоположник на македонската национална поезија во периодот пред Втората светска војна, еден од најголемите поети во историјата на македонската литература. Коста Солев Рацин е роден во Велес во 1908 година. Неговата мајка Марија уште од мали нозе му ја пренела љубовта кон македонското народно творештво. Неговиот татко Апостол бил сиромашен грнчар кој Рацина го научил на уметноста на вајањето што влијаело и врз неговата поезија. Во периодот кога Рацин се вклучил во прогресивното младинско движење ја создал својата необјавена книга стихови Антологија на болката. Во 1931 година во списанието Литература во Хрватска е објавен неговиот знаменит Оглед за Хегел, кој го привлекол вниманието на научните кругови. По објавувањето на огледот, Рацин бил наречен, чудото од Велес. Тогаш имал само 23 години. Неговата книга Бели мугри, која брзо го свртела вниманието на јавноста, се смета за кулминација на поетскиот крик за правда изнедрен од болката и маките на македонскиот народ. Во мај 1943 година Рацин се приклучува на ослободителното движење. Коста Солев Рацин загинал на 13 јуни 1943 година на планината Лопушник, Кичевско. Многу институции и установи во Република Македонија го носат неговото име. Во чест на Рацин Општината Велес веќе половина век ја организира меѓународната културна манифестација од национално значење Рацинови средби. Збирката Бели мугри, е предвидена и во Златната библиотека на избрани европски дела, која е иницијатива на УНЕСКО. Денес во центарот на неговиот роден Велес и во дворот на гимназијата се издига фигурата на Рацин како потсетување дека тука растеше и создаваше големиот македонски поет наречен славеј што пее со затворени очи.