Меѓународно културна манифестација- Рацинови средби

Од 1964 година, Велес е домаќин на поетите од Балканот кои, во родниот град на основоположникот на современата македонска поезија и литература Кочо Рацин, го слават битот на поетскиот збор. Покрај презентацијата на поетското творештво во рамките на Рациновите средби  се одржуваат и научни собири посветени на животот и творештвото на Рацин. На манифестацијата традиционално се доделува Рациново признание за најуспешно литературно остварување помеѓу две манифестации како и Почесното Рациново признание кое се доделува за научни трудови, преводи и други дела посветени на творештвото на Кочо Рацин. Секоја година манифестацијата се збогатува со разни содржини како настапи на музички уметници, изложби, саеми на книги. На нив учествуваат музичари и групи од Македонија и од соседството.

Наградениот автор добива статуетка Кочо Рацин  изработена од скулпторот Томе Серафимовски. Статуетка што се доделува на Рациновите средби

 

ДЕНОВИ

Како на вратот ѓердани ниски камења студени,
така на плешки денови легнале та натежнале.

Денови ли се - денови аргатски маки големи!
Стани си утре порано дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси навечер тага донеси -
ај, пуст да е, пуст да би останал живот кучешки!

Роди се човек - роб биди роди се човек - скот умри,
скотски цел живот работи за други туѓи имоти.

За туѓи бели дворови копај си црни гробови!
За себе само ргај си за себе маки тргај си -
нижи си ѓердан денови нижи си алки ковани,
нижи си синџир железен околу вратот навезен!