Велешките носии

Духот на фолклорното богатство на македонскиот народ низ вековите растел и на подрачјето на Велес, оставајќи го на носиите што го надживеале времето, белегот на народното создавање. До ден денес, најкарактеристични носии во велешкиот крај останале носиите од северните велешки села. Машката носија била изработена од бело платно, а ја сочинувале кошула, гаќи, елек од клашна (домашно ткаено платно), шалвари со широки ногавици, бечви со капаци од бел и црн шајак, копоран од клашна и памуклија антерија која се носела преку елекот. На нозете се носеле чорапи врз кои се обмотувала волнена објала или капаци (вид потколеници од клашна што се навлекувале на нозете). Женската носија била составена од памучна кошула, везена по долниот дел и на ракавите, ќурдија (горна облека без ракави) изработена од бела и од црна клашна, долга до средината на листовите на нозете. Потоа, ѕуница (појас од волнена преѓа), елек од шарено платно во линии, како и фута ткаена на црвена основа. На главата, жените носеле шамии во разни бои. Карактеристични за фризурите биле додаваните прцли, кои се прикачувале на собрана коса. Во првите децении на 20 век, женската носија ја замениле фустаните наречени ивстанки (облека во два дела, составена од здолница и блуза, исклучиво изработени од свила или сатен. Оваа носија била позната под името кроазе. Жените на главата носеле шамии, а на нозете чејли.