Семејството Богдановски

 

Академскиот сликар Светозар Богдановски од Велес и неговото семејство се единствените изработувачи на виолини во земјава и едни од ретките на Балканот. Богдановски веќе 25 години изработуваат извонредно добри виолини, а за себе велат дека се успешни, зашто се идеален спој на сликари и музичари. Ова семејство е на вистинскиот пат да им конкурира на големите светски мајстори, кои студирале изработка на виолини. Виолините се изработуваат од јаворово дрво и од акустична смрека. Најквалитетниот јавор за изработка на виолини расте на Балканот, поточно во Босна. А, мајсторите ги изработуваат лаковите сами, со специјално подготвени етерични масла и смоли. Богдановски досега продале околу 70 виолини во светот. На нивните ремекдела свират ученици, студенти, но и уметници професионалци.