Спортско рекреативни активности

 

Стожер на спортскиот живот во Велес е Спортската сала. Салата, која зафаќа површина од над 5.000 квадратни метри, располага со капацитет од 3.500 седишта. Овој атрактивен спортски објект располага и со канцелариски простории и деловен простор. Редовни спортски активности се одвиваат и во салата на ДТВ Партизан, претежно резервирана за гимнастичките спортови. На Градскиот стадион се одржуваат фудбалски натпревари. Љубителите на спортувањето во затворен простор имаат можност да ги користат капацитетите на спортските сали во училиштата Блаже Конески и Благој Кирков. За оние што го претпочитаат пливањето, своите услуги ги нуди Градскиот базен, адаптиран за работа само во текот на летото кога функционира и летната пливачка школа. Во Велес особено е развиен спортскиот риболов, опфатен со активностите на Спортското риболовно друштво Бабуна. Меѓу најуспешните спортисти се вбројуваат и кајакарите и кануистите на неколку кајак клубови, со свои државни репрезентативци. Тие учествуваат на светски и европски првенства. Реката Вардар е прекрасна природна патека за тренинг. Во перспектива е можно одржување на реномирани натпреварувања во самиот град. Постојат и голем број отворени спортски игралишта и паркови за рекреација.